Локалитетот „Куклица“ во близина на Кратово повторно привлекува внимание откако граѓани објавија сведоштва за наводни нерегуларности при посетата, вклучително и наплата за влез и попречување на пристапот до природниот споменик.
Марио Станојковски истакна дека му било забрането да влезе на локалитетот и тврди дека посетителите биле обврзувани да плаќаат без правно оправдување.
„‘Куклите’ кај Кратово се природно наследство што им припаѓа на сите. Јавен простор создаден од природата, достапен за секого. Денес повторно не ми беше дозволено да влезам. Лице стоеше на влезот и со своето тело го блокираше патот до јавниот простор, без никакво законско овластување“, напиша Станојковски.
Тој додава дека се сретнал со туристи од Косово кои рекле дека платиле по 10 евра за влез, додека при претходни посети сумата достигнувала и до 20 евра по лице.
Дополнителни сведоштва пристигнаа и од други граѓани.
Петар Слејановски тврди дека тој и неговото семејство биле спречени да го посетат локалитетот затоа што им била побарана наплата.
„Жената на влезот со агресивно однесување извлече клучеви и ми закани дека ќе ми ја изгребе колата и ќе ми ги оштети гумите доколку не платам 240 денари за влез“, објаснува Слејановски.
Сара Драгевска, пак, сподели дека на пат кон локалитетот била запрена од полицајци, кои им советувале да се вратат.
„Полицајците ни рекоа дека претходно се расправале со некој што наплаќал висок влез без фискална сметка и дека најбезбедно е да се вратиме“, вели таа.
Меѓутоа, на социјалните мрежи повторно се појавува објава на Општина Кратово од 24 јуни 2025 година, во која се информира дека поднеле кривична пријава поврзана со локалитетот „Куклица“.
Во соопштението, Општината истакнува дека објектот и земјиштето се узурпирани од физички лица кои вршеле нелегално управување со просторот и користење на одредени права без согласност од надлежни институции.
Досега нема официјална реакција ниту од лицата кои се споменуваат во обвинувањата, ниту од надлежните органи за последните тврдења на граѓаните.
Веста ја пренесува Skopje1.mk
Видеото може да го погледнете тука!



