Американскиот претседател Доналд Трамп повторно се најде во фокусот на јавноста откако за време на состанок во Белата куќа беше забележан со затворени очи и навален наназад во столот.
Настанот се случил на средба посветена на енергетските прашања, на која присуствувале и секретарот за внатрешни работи Даг Бургум, секретарот за енергетика Крис Рајт, како и директорот на Агенцијата за заштита на животната средина, Ли Зелдин.
Снимките и фотографиите од состанокот предизвикаа бројни реакции во американската јавност и медиумите, при што повторно се отвори дебатата за здравствената состојба и кондицијата на претседателот.
Од Белата куќа ги отфрлија ваквите толкувања. Портпаролот Дејвис Ингл истакна дека Трамп е исклучително активен и посветен на своите обврски, нагласувајќи дека секојдневно работи интензивно во интерес на државата.
Прашањето за неговата наводна поспаност беше актуелизирано и по неодамнешното сослушување на државниот секретар Марко Рубио во Конгресот. За време на расправата, демократскиот конгресмен Тед Лиу презентираше видеоматеријали за кои тврдеше дека прикажуваат моменти кога Трамп дреме на јавни настани. Рубио ги отфрли тие обвинувања.
Во изминатиот период, американските медиуми често шпекулираат за здравјето на претседателот, особено поради неколку снимки што поттикнаа сомнежи за неговата будност на јавни настапи. Сепак, од Белата куќа континуирано негираат дека постојат какви било здравствени проблеми кај Трамп.
Веста ја пренесува Слободен печат.
