Силен земјотрес рано изутрина ја вознемири јужна Италија, при што најсилно бил почувствуван во крајбрежниот дел на регионот Калабрија. Според локалните медиуми, потресот бил почувствуван и во повеќе други области на југот од земјата.
Според податоците објавени од Италијанскиот институт за геофизика и вулканологија, земјотресот достигнал јачина од 6,1 степен според Рихтеровата скала. Епицентарот бил во Тиренското Море, недалеку од градот Козенца, на околу 240 километри југоисточно од Неапол.
Потресот настанал на длабочина од околу 250 километри под површината, што овозможило неговите вибрации да се почувствуваат на значително пошироко подрачје.
Италијанската агенција АНСА пренесува дека земјотресот бил почувствуван низ целата област Калабрија, како и во делови од регионот Базиликата и околината на вулканот Везув.
Во моментов нема информации за настрадани лица или причинета материјална штета. Надлежните институции внимателно ја следат ситуацијата и вршат проверки на терен.
Инаку, Италија се наоѓа во едно од најсеизмички активните подрачја во Европа, поради што земјата редовно се соочува со земјотреси со различен интензитет, особено во нејзините јужни региони.
Веста ја пренесува Skopje1mk.
