Фото: МВР
Млад моторџија загина по тешка сообраќајка и судир со автомобил во Скопје, а Обвинителството ги објави деталите.
„Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот 31-годишник вчера во вечерните часови управувал автомобил Ауди А4 по булеварот “Никола Карев” и кога дошол до крстосницата со улицата “Прохор Пчињски”, не ја почитувал сообраќајната сигнализација и на удвоена полна линија навлегол во двете сообраќајни ленти за возилата од спротивен правец, свртувајќи во лево на крстосницата.
Исто така, спротивно на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, возилото го управувал под дејство на наркотична дрога.
Бидејќи не се придржувал кон прописите осомничениот свесно го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност животот на луѓето. Со предниот дел од автомобилот удрил во мотоцикл БМВ, додека во задниот дел на неговиот автомобил удрил мотоцикл Хонда ХДВ, кои доаѓале од спротивна насока и се движеле паралелно.
Од силината на ударот, оштетениот кој управувал со мотоциклот БМВ се здобил со тешки телесни повреди од кои починал.
Со оглед на тоа што постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност да влијае врз сведоците или да го повтори делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот“, соопшти Обвинителството.
