Никола Груевски, поранешниот премиер на Северна Македонија кој од 2018 година живее во Унгарија, во 2022 година добил полно унгарско државјанство врз основа на „унгарски државен интерес“, известува истражувачкиот портал ВиСквер (VSquare), повикувајќи се на информации од унгарски владини извори.
Според порталот, Груевски најверојатно сè уште се наоѓа во Унгарија, а неговиот правен статус е значително посигурен во споредба со другите политички азиланти кои добиле заштита од владата на Виктор Орбан.
„Унгарски владин извор потврди дека Никола Груевски во 2022 година добил унгарско државјанство поради ‘унгарски државен интерес’. Друг извор наведува дека тој и понатаму престојува во Унгарија“, објавува ВиСквер.
Порталот потенцира дека добивањето државјанство нуди многу посилна правна заштита отколку политичкиот азил, бидејќи азилот може да биде повлечен, додека одземањето на државјанството е сложен процес.
Според експертската анализа на ВиСквер, за да му се одземе државјанството на Груевски, би требало да се докаже дека тоа било стекнато со измама или коруптивни дејствија.
Груевски ја напушти Македонија во ноември 2018 година, непосредно пред да ја започне двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“, кој се однесува на набавката на луксузен блиндиран „мерцедес“. Тој патуваше преку Албанија, Црна Гора и Србија пред да стигне во Унгарија, каде што доби политички азил.
Во објавата се нагласува и дека унгарската влада не одговорила на барањето за коментар во врска со државјанството на поранешниот македонски премиер.
Веста ја пренесува Skopje1.mk
