Силен земјотрес со јачина од 6,9 степени според Рихтеровата скала го погоди северниот дел на Чиле, во близина на градот Калама. Според информациите од Геолошкиот институт на САД, епицентарот бил лоциран на околу 30 километри источно од градот, на длабочина од над 100 километри.
Потресот бил регистриран во пустината Атакама и бил почувствуван во неколку чилеански региони, меѓу кои Арика, Тарапака, Антофагаста и Атакама, пренесуваат локалните медиуми.
Надлежните служби засега не соопштуваат информации за жртви или поголема материјална штета. Од Националната служба за управување со катастрофи потврдија дека нема опасност од цунами по чилеанското крајбрежје.
Чиле се смета за едно од најсеизмички активните подрачја во светот поради судирот на неколку тектонски плочи на неговата територија.
Историјата памети дека во 1960 година токму Чиле беше погоден од најсилниот некогаш измерен земјотрес – со магнитуда од 9,5 степени. Тогаш беше уништен градот Валдивија, а животот го загубија илјадници луѓе.
Веста ја пренесува Skopje1.mk
