По пауза од речиси една деценија, светски познатиот француски диџеј и продуцент David Guetta повторно доаѓа во Македонија. Тој ќе биде главната музичка ѕвезда на прославата по повод 35 години од македонската независност.
Настанот е закажан за 8 септември во Национална арена „Тоше Проески“, каде ќе се одржи спектаклот „David Guetta – The Monolith Stadium Show“. Според најавите на организаторите, станува збор за најмасовниот и најамбициозен музичко-продукциски проект досега реализиран во земјава.
Организацијата е на Авалон продукција во партнерство со Владата, а концертот ќе биде достапен за јавноста бесплатно, со симболична регистрација од 35 денари — број што ја симболизира 35-годишнината од независноста.
Претставникот на организаторот, Бобан Милошески, истакна дека „The Monolith Stadium Show“ моментално важи за едно од највпечатливите музички шоуа во Европа.
„Кога се слави, треба да се слави на големо“, порача Милошески, нагласувајќи дека продукцијата и визуелниот концепт на настанот ќе понудат нешто што досега не е видено кај нас.
Секој заинтересиран ќе може да резервира најмногу две влезници, а регистрацијата ќе биде отворена и за посетители од соседните земји. Организаторите очекуваат концертот да привлече голем број туристи и да има позитивен ефект врз локалната економија и туристичкиот сектор во Скопје и Македонија.
Веста ја пренесува Premiernews.mk
