Фото: Принтскрин
Министерот за надворешни работи на Македонија, Тимчо Муцунски објави статус на социјалните мрежи по изјавата на бугарската министерка Весислава Петрова Чамова.
„Во однос на изјавата на мојата нова бугарска колешка, Весислава Петрова Чамова, би сакал да појаснам дека денес немавме официјална билатерална средба. Имавме кратка размена на зборови на маргините на настан, во присуство на повеќе колеги. Ако едноминутен разговор се нарекува „средба“, тогаш денес навистина имавме многу „средби“.
Воедно, би сакал да потсетам дека користењето на терминот „северномакедонски“ за означување на македонскиот народ е неточно и несоодветно. Македонците се Македонци. Ова не е прашање на политика, туку на основно почитување на идентитетот и достоинството на еден народ.
Во дипломатијата, прецизноста не е формалност. Таа е одраз на почит.
А, како што и кажав на Весислава, се надевам дека наскоро навистина ќе одржиме средба – во пријателска и позитивна атмосфера, насочена кон градење добрососедски односи и нашата заедничка европска иднина“, објави Муцунски.
