Постапката за екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски во Северна Македонија сè уште е во тек, без конечен исход. Во моментов, клучната одговорност е кај надлежните институции, кои треба да ја обезбедат и достават целокупната документација до Министерството за правда.
Од Основниот кривичен суд Скопје информираат дека веќе одговориле на барањето на Министерството и ги испратиле сите потребни материјали. Оттаму појаснуваат дека документацијата се доставувала континуирано, а дополнително биле побарани информации за евентуални промени во пресудите или постапките што би можеле да имаат влијание врз случајот. Судот доставил податоци за тоа за кои предмети има распишани потерници, како и за тековните постапки.
Министерот за правда Игор Филков неодамна изјави дека Министерството веќе упатило барања до сите релевантни институции и дека се очекува тие да ги комплетираат потребните документи. Тој најави и дека по формирањето на новата влада во Унгарија ќе стапи во контакт со својот колега, со цел да ја потенцира важноста на случајот и да побара информации за евентуални промени во статусот и одлуките на унгарските власти.
Досега, скопскиот Кривичен суд има донесено три пресуди против Груевски. Во случајот „Насилство во Центар“ му е изречена казна затвор од една година и шест месеци, која застарува во септември 2027 година. За предметот „Плацеви на Водно“ е осуден на девет години затвор, со рок на застарување до февруари 2043 година. Во рамки на истиот предмет, изречена е и парична казна која, поради ненаплата, е заменета со дополнителни 180 дена затвор.
Од друга страна, пресудата во случајот „Тенк“, со која беше осуден на две години затвор, веќе е застарена од октомври 2024 година, согласно законските рокови. Во моментов, активни остануваат предметите „Титаник“ и „Талир“, во кои му се суди во отсуство бидејќи не е достапен на органите на прогонот.
Груевски ја напушти државата во 2018 година и замина во Унгарија, каде што доби политички азил. Претходното барање за негова екстрадиција беше одбиено токму поради тој статус.
Премиерот Христијан Мицоски неодамна изјави дека доколку Груевски се врати во земјата, надлежните институции ќе постапат согласно важечките судски одлуки, што значи дека ќе се соочи со издржување на затворските казни.
Веста ја пренесува Телевизија 24.
