Во тешка сообраќајна несреќа што се случила во Прилеп, животот го загубил 19-годишен мотоциклист, откако се судрил со автобус управуван од 62-годишен возач. По несреќата, момчето било итно пренесено во Градската болница во Прилеп, каде лекар констатирал смрт.
Според информациите од полицијата, мотоциклот што го управувал младиот човек не бил регистриран, односно немал регистарски таблици.
Несреќата била пријавена на 30 април 2026 година во 06:23 часот во ОВР Прилеп. Се случила на улицата „Леце Котевски“, каде автобус со прилепски таблички, управуван од 62-годишниот Г.К. од Прилеп, се судрил со мотоцикл „Хонда“, управуван од 19-годишниот В.Б. од селото Големо Коњари.
На местото на настанот увид извршила екипа од ОВР Прилеп, а причините за несреќата дополнително се испитуваат.
Веста ја пренесува Телма.мк
