Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, изјави дека, за разлика од поранешниот премиер Никола Груевски кој ја избегна правдата, актуелните носители на функции нема да имаат можност да се извлечат и ќе мора да одговараат за своите постапки.
„Груевски можеби успеа да избега, но уверен сум дека овие што се сега на власт нема да можат да го сторат истото. Секој ќе мора да сноси одговорност за своите дела. Во услови кога системот е под силно влијание на премиерот, тешко е граѓаните да веруваат во правична и еднаква правда“, изјави Филипче во емисијата „Трилинг“.
Тој посочи дека, според него, актуелниот институционален систем не гарантира независност и правичност, поради силното политичко влијание врз клучните институции.
Дополнително, Филипче нагласи дека не гледа суштински разлики помеѓу владеењето на ВМРО-ДПМНЕ во периодот на Груевски и сегашниот пристап на премиерот Христијан Мицкоски.
Веста ја пренесува Skopje1.mk
