Емилија во солзи раскажува за шокантното откритие на гробиштата во Камник, кога открила дека гробот на нејзиниот починат сопруг, Мартин, бил преместен и бетониран без нејзина согласност и без известување од надлежните. Ова за неа е втора голема трагедија во животот, бидејќи покрај загубата на сопругот од онколошка болест, сега се соочува со грубото нарушување на гробното место.
„Кога пристигнавме на гробот на мојот сопруг, утрово во 18:00 часот, видовме дека гробното место било радикално изменето. Гробот не беше ископан, а на неговото место беше поставен бетон. Гробното место, кое било на три гробови едно до друго, сега беше изменето, така што мојот сопруг е закопан под бетон и не на местото каде што беше првично определено“, изјави Емилија Јорданова-Цветковска, сопруга на починатиот.
Таа веднаш се јавила во АД Бутел, но била информирана дека до понеделник нема со кого да разговара. Заедно со уште три семејства кои се соочиле со слични проблеми, поднела пријава во полицијата. Емилија, самохрана мајка на четиригодишно дете и вдовица од јануари, раскажува дека при погребот на сопругот, била принудена да потпише договор за платување 282 илјади денари, вклучувајќи ги 12 илјадите за гробното место и дополнителни средства за бетонирање и поставување споменик во рок од 90 дена.
„Ќе се обидат денес да го отстранат бетонот, но тоа значи дека повторно ќе го нарушат мирот на нашите најмили“, додава таа.
Ние се обративме до надлежните во АД Бутел, кои признаа дека имаат сознанија за настанатиот проблем и дека ќе бараат решение од понеделник. Но, службата која е задолжена за планирање на гробните места не беше достапна кога го посетивме гробиштето.
Акциите на преместување и бетонирање на гробните места без согласност од семејствата и без изведување на ексхумација нарушуваат неколку основни права, вклучително правото на достоинство и пиетет, како и правото на семејствата да располагаат со останките на своите најблиски. Ваквото дејство е предвидено и во Кривичниот законик, како кривично дело „повреда на гроб или смртни останки“, а вмешаност на службени лица може да доведе до отварање на прашање за злоупотреба на службената должност.
Веста ја пренесува Телма тв.
