Италија е потресена од страшен случај во кој 27-годишен возач на итна медицинска помош од Форли, Лука Спада, е осомничен дека за време на работа убивал стари и немоќни пациенти. Тој бил уапсен на 11 април 2026 година во голема акција на карабинерите, а истрагата го поврзува со смртта на најмалку шест лица.
Според истражителите, злосторствата се случувале во периодот од февруари до ноември 2025 година. Осомничениот наводно користел смртоносен метод – непосредно пред транспортот на пациентите им инјектирал воздух во вените. Оваа состојба, позната како воздушна емболија, може да предизвика нагло нарушување на циркулацијата и срцев застој.
Случајот бил откриен кога медицински персонал забележал необично голем број смртни исходи кај пациенти што биле транспортирани токму од Спада. Сомнежите биле пријавени, по што започнала обемна истрага.
Истрагата дополнително открила вознемирувачки детали. Спада, кој бил познат и под прекарот „Спадино“, во некои разговори наводно покажувал ладнокрвен однос кон смртта, изјавувајќи дека постарите пациенти „не треба да се спасуваат по секоја цена“ и дека „понекогаш е подобро да починат“. Исто така, се наведува дека зборувал за лична корист и профит при одлучување за пациентите.
Тој бил поврзан и со работа во погребални претпријатија, а кај него биле пронајдени медицински алати како игли, шприцеви и катетри, што дополнително ги засилило сомнежите на истражителите.
Најсилниот доказ, според медиумите, се прислушувани разговори во кои тој наводно без каење зборувал за своите постапки и дури изразувал задоволство од нив.
Иако е поврзан со повеќе смртни случаи, моменталната обвинителна постапка се фокусира на една жртва – 85-годишна жена која починала за време на транспорт во ноември 2025 година. Обдукцијата покажала знаци на воздушна емболија.
Спада моментално се наоѓа во истражен затвор поради опасност од повторување на делата, додека истрагата продолжува да ги испитува сите околности и можни дополнителни жртви.
Веста ја пренесува Net.hr
