Српски државјанин денеска е тешко повреден во Барселона по насилен напад што се случил на тераса од кафуле во населбата Дијагонал Мар.
Според информации од шпанските медиуми, инцидентот се одиграл нешто пред 16 часот на шеталиштето Таулат, на крстосницата со улицата Селва де Мар, во близина на плажата и неколку образовни установи.
Жртвата во тој момент седела на терасата од угостителски објект кога била нападната од неколку лица кои, според сведоштва, отвориле оган и го изненадиле.
Мажот бил погоден со повеќе истрели и итно префрлен во болница, каде се наоѓа во критична состојба.
Шпанската полиција веднаш започнала опсежна истрага и трага по сторителите, за кои се претпоставува дека биле повеќемина.
Некои локални медиуми пренесуваат дека наводно пред пукањето имало и физичка пресметка, при што напаѓачите најпрво се обиделе да го повредат со нож, по што следувало пукање и бегство од местото на настанот. Овие информации сè уште не се официјално потврдени од надлежните органи.
Областа била брзо обезбедена, а на терен биле испратени силни полициски сили, вклучувајќи и специјални единици.
Истрагата продолжува, а мотивите за нападот засега остануваат непознати.
Веста ја пренесува Infomax.mk
