Основниот кривичен суд во Скопје соопшти дека против поранешниот премиер Никола Груевски во моментов се во сила две потерници за издржување затворски казни, додека една од пресудите веќе не може да се изврши поради застареност.
Според информациите од судот, Груевски се бара за извршување казна од една година и шест месеци затвор во предметот „Насилство во Центар“, при што рокот за нејзино извршување истекува во 2027 година. Дополнително, тој треба да одлежи и деветгодишна затворска казна во случајот „Плацеви на Водно“, чија извршност застарува во 2043 година. Во рамки на истиот предмет, една парична санкција е преиначена во затворска казна од уште 180 дена.
Во врска со предметот „Тенк“, од судот појаснуваат дека двегодишната затворска казна е веќе застарена од октомври 2024 година, поради истекување на законски предвидените рокови, по што е утврдена апсолутна застареност на нејзиното извршување.
Од Основниот кривичен суд истакнуваат и дека против Груевски се водат и други судски постапки во негово отсуство, меѓу кои се предметите „Титаник“ и „Талир 2“, бидејќи тој во моментов не е достапен за надлежните институции.
Веста ја пренесува Premiernews.mk
