Општина Центар започна со инсталација на 30 современи уреди за мерење на бучавата на најоптоварените делови од општината. Новиот систем треба да овозможи постојано следење на нивото на звук и брза реакција кога ќе се регистрираат нарушувања на јавниот ред и мир.
Градоначалникот Горан Герасимовски информира дека досега се активирани 19 сензори.
„Уредите ќе го мерат звукот во реално време и автоматски ќе сигнализираат секој случај на надминување на дозволените граници. На овој начин добиваме јасна слика за најпроблематичните локации и им даваме алатка на инспекциските служби за поефикасно делување,“ изјави Герасимовски.
Првите сензори се поставени во Дебар Маало и на делови од улиците „Орце Николов“, „Мирослав Крлежа“ и „Отон Жупанчиќ“, како и на двете позиции „Боемска 1“ и „Боемска 2“. Во следниот период, мрежата ќе се проширува кон „Ленинова“, населбите Капиштец и Буњаковец, долж кејот 13 Ноември, кај Старата железничка станица и на Кале.
Од Општината велат дека целта е да се покријат сите локации каде што најчесто има поплаки за прекумерна бучава и да се подобри квалитетот на живеење на жителите.
Овој проект претставува прва етапа од поширока стратегија за управување со бучавата, која ќе користи напреден софтвер за точни мерења и анализи. Општина Центар најавува дека јавноста редовно ќе се информира за новите активности и мерките што ќе следуваат за долгорочно решавање на проблемот.

Фото: vecer.press
