Стравична сцена се одигра попладнево во близина на аеродромот во Ринас, кога непознати лица од автомобил „Тојота Јарис“ отворија оган кон друго возило „Мерцедес“, во кое се наоѓале двајца мажи. Едниот од нив починал на лице место, додека другиот е тешко ранет и пренесен во болница.
Според првичните информации на албанските медиуми, пуканината се случила околу 14:20 часот на кружен тек во близина на аеродромот во Тирана. Нападот, кој се претпоставува дека има мафијашка позадина, резултирал со смрт на Гилмандо Дани (36) и тешки повреди на Мучи Шалјани Шеќери (околу 40).
Неколку минути по нападот, полицијата пронашла изгорената „Тојота Јарис“ во областа Фуш Круја, за која се верува дека е возилото од кое било пукано.
Според порталот „Бота Сот“, убиениот Дани бил десна рака на озлогласениот криминален бос Емилијан Сулази, поранешен студент по медицина кој подоцна станал еден од најпознатите водачи на подземјето во Албанија. Неговото име со години се поврзува со трговија со дрога, рекетирање и насилство во Тирана и Драч.
Телевизијата Топ Ченел објави шокантни снимки на кои се гледаат граѓани и полицајци како очајно се обидуваат да ги скршат прозорците на возилото за да ги извлечат повредените од крвавата сцена.
Полицијата го опколила поширокиот регион околу Ринас и поставила повеќе контролни пунктови во потрага по сторителите, додека истрагата продолжува.
