Фото: Принтскрин
Резултатите од психијатриското вештачење во предметот „Штекли“ покажале дека обвинетиот Раде Трајковски – Штекли е во добра психичка состојба и способен да ја следи судската постапка. Иако кај него се утврдени одредени шизотипни и дисоцијални црти, тие не се доволни за да се постави дијагноза на психичко растројство.
Ова го изјави невропсихијатарката д-р Оливера Поповска од Психијатриската болница во Бардовци, која сведочеше во Основниот кривичен суд – Скопје, на барање на одбраната на обвинетиот.
Поповска пред Судот посочи дека околу две недели пред извршеното вештачење, Трајковски ѝ предал писмо во кое оставил „аманет“ на својата мајка – неговите коски да бидат закопани во дворот на семејната куќа. Во писмото, според сведочењето, обвинетиот напишал и дека „има змии во главата“.
Сепак, и покрај ваквите наводи и присуството на т.н. „магиско мислење“, вештакот оцени дека тие не се доказ за халуцинации и дека обвинетиот е психички стабилен, па може нормално да ја следи постапката против него.
