Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, реагираше на социјалните мрежи по снимката на Фејсбук каде се гледа како пајак службата и полицаецот не креваа непрописно паркирано возило, кое потоа сепак било отстрането по бурната реакција на присутните граѓани.
„Во однос на ова видео кое се шири по социјалните мрежи, крајно некоректни и манипулативни се обидите од некои медиуми да се префрли одговорноста на Пајак службата која професионално си ја врши работата.
Отстранувањето на непрописно паркираните возила е по налог на службено овластено лице. Во случајов нашите вработени воопшто не го стопираат кревањето, туку едноставно чекаат налог од страна на службеното лице, полицаец. По добивање на истиот веднаш постапуваат и го креваат возилото. Тоа впрочем и го објаснува службеникот од ПОЦ во самото видео.
Благодарност до екипите на ПОЦ кои неуморно работат на санкционирање на несовесни возачи. Ја поздравувам и активноста на граѓаните кои бараат санкционирање на сите оние коишто со своите возила ги блокираат улиците и велосипедските патеки во Центар.
Истовремено, недозволиво е полициски службеник да не сака да си ја врши својата работа. Барам од МВР да ги санкционира полициските службеници кои не постапуваат при очигледни прекршоци. Недозволива е селективноста при казнување на граѓаните“, напиша Герасимовски.
