Додека траат преговорите за минималната плата на граѓаните, политичарите ја искористија ситуацијата за повторно да се препукуваат.
Опозициската партија СДСМ го обвини ВМРО-ДПМНЕ за „неморал и аздисаност“, односно пратеникот Мартин Костовски објави фактури од времето кога министерката Гордана Димитриеска-Кочоска била директорка за финансии на ЕЛЕМ, а Мицкоски директор на иста државна компанија.
„ Ова е фискална сметка од ресторан во Белград, соседна Србија, вредна околу 100 евра, потпишана од Кочоска и Мицкоски.
Што се јадело и пиело на сметка на народот:
Џони вокер – блек, Дуњовача, Поховани јагнешки шницли, Купус салата, ќебапи, Крвав бифтек, чоколадно суфле, крем пита, „И као да си Анџео“.
Потпишани Кочоска и Мицкоски. Кафана во Белград.
Ова е фактура за кетеринг услуги, 110 илјади денари во еден ресторан во Скопје. Исто така потпишано од Кочовска и Мицкоски.
Еве уште една фактура, 38.000 денари, од еден ресторан во Брвеница. Потпис, Кочоска и Мицкоски.
Една минимална плата, едно седнување, 21.270 денари во истиот ресотран.
Истата Кочоска која заедно со Мицкоски не даваат да се покачи минималната плата, им кажуваат на граѓаните и работниците каков грашок да јадат, дали треба цреши и грозје да си купат. Гозби, ручеци, кетернзи. Како да не знаеле да сопрат од кафани и ресторани.
Продолжуваме понатаму, нова фактура, 10.500 денари на ЕЛЕМ, сектор финанции, од познат ресторант во Скопје.
Уште една, 8.500 денари, ресторан во Брвеница.
Па уште една, 9.200 денари“, објави Костовски.
Од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ веднаш реагираа и порачаа дека владее очај во СДСМ затоа што тие вадат сметки стари осум години за да манипулираат со граѓаните.
„Ако имало било што за претседателот Мицкоски и министерката Кочоска, СДС со зурли и на тапани изминативе осум години ќе го објавеа и процесуираа. СДС манипулира со сметки, затоа што се очајни и не знаат каде тераат. Ако зборуваме за сметки и кафански ручеци и хотелски сместувања, првото место оди за СДС, нема да се спуштаме на тоа ниво да докажуваме кој што правел, доволно е да се погледне од Бисера Антоанета, преку Маричиќ па надолу. Зошто е очајот голем? Голем е затоа што за првпат во Македонија нивото на инвестиции е над 1.2 милијарди евра, се покачија плати и пензии. СДС гледа дека нивната политика е поразена одамна, а падот во рејтинг не им престанува иако се длабоко во опозиција“, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.
