Самоил Стојановски почина денес на 54-годишна возраст, оставајќи зад себе богато уметничко наследство. Роден во Скопје на 3 ноември, тој ја посвети својата кариера на театарот и актерската уметност, внесувајќи душа и посветеност во секоја своја улога.
Од 2003 година беше дел од Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“, каде што со својата харизма, талент и посветеност одигра безброј значајни, но и помали улоги, кои длабоко се врежаа во срцата на велешката публика. Неговата актерска дарба блескаше и на филмското и телевизиското платно, освојувајќи ја пошироката македонска јавност со незаборавни интерпретации.
Ќе го паметиме како Толе Кртот во Вампирџија, како харизматичниот директор Бобан во Приказни од животот, како Апостол Солев – таткото на Кочо Рацин во Црвениот поет, како бугарски агент во Ослободувањето на Скопје, како и по многу други значајни улоги, со кои остави неизбришлив печат во македонската кинематографија.
