Фото: Принтскрин
Жителка на Скопје утрово била пронајдена без знаци на живот во семејна куќа во скопската општина Ѓорче Петров. Според првичните информации од Министерството за внатрешни работи, станува збор за 76-годишна жена на чие тело биле забележани траги од насилство.
Случајот бил пријавен на 27 октомври 2026 година, во 9:18 часот, кога нејзината ќерка го пронашла телото во куќа на улицата „Ѓурчин Кокале“.
На местото пристигнала екипа на Итната медицинска помош, чии медицински лица ја констатирале смртта и утврдиле видливи траги од насилство.
За случајот бил известен надлежен јавен обвинител, по чии насоки телото е предадено на обдукција, која треба да помогне во утврдувањето на причините за смртта.
Од Секторот за внатрешни работи Скопје информираат дека се преземаат соодветни мерки за целосно расветлување на настанот и утврдување на сите релевантни околности.
Повеќе детали се очекуваат по спроведувањето на истражните дејствија.
Веста ја пренесува Слободен печат.
