Екипи на Дирекцијата за заштита и спасување се на терен во Гостивар, каде што е во тек потрага по лице за кое постојат сознанија дека било забележано во близина на реката Вардар. Акцијата е започната по официјално барање од Полициската станица во Гостивар.
Во операцијата се ангажирани припадници на Тимот за брз одговор за спасување на води, со логистичка поддршка од Подрачното одделение на ДЗС во Гостивар. На терен е присутен и заменик-директорот на институцијата, Кашмир Салиу.
Потрагата се спроведува во координација со полициските службеници од ОВР Гостивар и локалните надлежни служби. Пребарувањето го опфаќа текот на Вардар, почнувајќи од критичните локации во градското подрачје, а потоа и деловите на реката низводно.
Од Дирекцијата за заштита и спасување информираат дека нивните екипи ќе останат ангажирани во операцијата до нејзиното завршување. Активностите се одвиваат на терен, при што се земаат предвид условите и карактеристиките на речното корито.
Надлежните упатуваат апел до жителите на Гостивар и околните населени места да пријават доколку имаат каква било информација што би можела да помогне во пронаоѓањето на лицето. Сите сознанија може да се споделат со полицијата или службите за заштита и спасување, како и преку единствениот број за итни случаи 112.


