Фондот за здравствено осигурување подготвува промени со кои треба да се заостри контролата врз користењето на боледувањата и да се намали просторот за евентуални злоупотреби.
Директорот на Фондот, Златко Перински, најави дека до Управниот одбор ќе биде доставен предлог матичните лекари да имаат можност самостојно да отворат боледување во траење до пет дена, наместо досегашните седум.
Од Фондот велат дека целта не е граѓаните да имаат потежок пристап до боледување, туку системот да функционира според јасни и еднакви правила.
Проверки на оправданоста на боледувањата ќе може да се спроведуваат и по барање на работодавачите, но и без претходна пријава, преку случаен избор. Доколку контролата покаже дека осигуреникот не е затекнат на адресата на која треба да престојува за време на боледувањето, ќе добие известување со кое ќе биде повикан пред лекарска комисија за да ја објасни ситуацијата. За случајот ќе биде информиран и работодавачот.
Според податоците што ги презентираше Перински, досегашните проверки покажале сериозен број неправилности. Во примерокот што бил контролиран во Министерството за внатрешни работи, кај близу една третина од боледувањата биле констатирани пропусти, по што следувале и санкции.
Во тек е и проверката на боледувањата во Министерството за одбрана, додека од Фондот посочуваат дека слични случаи се забележуваат и кај приватните компании.
Колкави средства се издвојуваат за оваа намена покажуваат и финансиските податоци. Само во текот на август биле исплатени повеќе од 623 милиони денари за боледувања. Од таа сума, околу 414 милиони денари биле наменети за породилни отсуства.
За целата 2026 година, во буџетот се планирани 6,454 милијарди денари за исплата на боледувања и породилни отсуства.
Промена се подготвува и кај рецептите. Фондот планира рецептите што ги издаваат дежурните здравствени служби да имаат рок на важност од 24 часа. Со тоа би се укинал сегашното правило според кое рецептот мора да се реализира најдоцна до полноќ на денот кога е издаден.
Веста ја пренесува Сител телевизија.
