Србија и израелската воена компанија Elbit Systems ќе воспостават фабрика за производство на дронови на територијата на Србија, објавија истражувачките медиуми BIRN и Haaretz. Оваа компанија долго време се критикува поради учеството во израелските операции во Газа и на Западниот брег.
„Набргу ќе ја отвориме првата фабрика за сериозни дронови овде во нашата земја, со светски квалитет на производство“, изјави претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на 7 март годинава.
Вучиќ претходно објави дека фабриката ќе се отвори со странски партнер од Израел и дека може да почне со работа уште во април, без да го открие името на компанијата. BIRN и Haaretz сега го потврдуваат дека се работи за Elbit Systems – најголемата израелска компанија за воена технологија.
Elbit ќе има 51% од сопственоста во фабриката, додека 49% ќе останат кај српскиот Yugoimport SDPR.
Специјалната известителка на ОН за окупираните палестински територии, Франческа Албанезе, во извештај од јуни 2025 година наведува дека Elbit профитира од „геноцидот во Газа“, каде од израелските воени акции по нападите на Хамас во октомври 2023 година загинале над 70.000 Палестинци.
Според документи до кои пристапиле BIRN и Haaretz, се планира производство на два вида дронови – за кратки и долги мисии. Фабриката ќе се смести во Шимановци, во објект што ќе биде изнајмен од компанијата на Жељко Митровиќ, сопственик на Пинк.
Србија и Израел веќе имаат развиена соработка во сферата на оружје, а извозот на муниција и вооружување од Србија во Израел пораснал 42 пати во 2023 година, достигнувајќи 114 милиони евра, и покрај апелите на ОН за запирање на продажбата. Повеќето трансакции се реализирале преку SDPR.
Според Вук Вуксановиќ, предавач на Одделот за воени студии на King’s College во Лондон, мотивите на Србија се економска добивка и пристап до напредна воена технологија. Израел, пак, сака да обезбеди „сигурен синџир на снабдување надвор од конфликтната зона“.
„Главната цел на владејачката елита е да остане на власт, а за тоа е важно да се избегне конфликт со САД, особено по неодамнешните потези на Трамп на глобалната сцена“, објаснува Вуксановиќ.
Според информациите, фабриката ќе произведува два типа дронови: краткодометен модел со голема носивост и ротирачки крила, и напреден, брз дрон со долг дострел кој може да лета на висина над шест километри. Долгодометниот дрон се смета за „повисокотехнолошки“ од сегашниот Pegaz, борбено-разузнавачки дрон што Србија веќе го произведува.
Во проектот ќе бидат вклучени и експерти од фабриката Utva, во сопственост на SDPR, кои ќе придонесат во развојот на новите дронови.
