Две лица се повредени во сериозен инцидент што утрово се случил во Првото техничко училиште во српскиот град Крагуевац. Според информациите од Министерството за внатрешни работи на Србија, меѓу повредените нема ученици, а осомничениот за пукањето е приведен.
Настанот бил пријавен во полицијата околу 8 часот наутро. Според првичните информации, едно лице најверојатно било повредено од огнено оружје, додека другото се здобило со повреди при кршење на стакло.
Полицијата интервенирала во училиштето, при што го совладала и го лишила од слобода 17-годишниот ученик од оваа образовна установа. Тој се сомничи дека во училишниот хол употребил малокалибарска пушка.
Надлежните полициски служби се на терен и работат на расчистување на случајот, како и на утврдување на сите околности под кои дошло до инцидентот.
По повод настанот се огласи и министерот за образование во технички мандат, Дејан Вук Станковиќ, кој изрази сочувство и поддршка за повредените. Тој информираше дека е во постојана комуникација со училишната управа и директорот на училиштето.
Најавено е дека претставници од надлежните образовни институции ќе излезат на терен и ќе постапат согласно предвидените протоколи за справување со насилство и обезбедување безбедност во училиштата.
Засега, според официјалните информации, најважно е што ниту еден ученик не е повреден. Истрагата треба да даде одговори за мотивите и сите детали поврзани со пукањето.
Веста ја пренесува Tanjug.official
