По два дена интензивна потрага, пронајдено е телото на шестгодишното момче кое во петокот паднало во реката Рибница во Подгорица, Црна Гора.
Од Регионалниот нуркачки центар во Бијела потврдија дека потрагата е завршена. Нуркачите се соочиле со исклучително тешки услови на теренот, поради високиот водостој и силните подводни струи, но ги пребарувале сите достапни делови од реката.
Несреќниот настан бил пријавен во полиција во петокот, веднаш откако детето паднало во водата. Засега нема официјални информации за тоа како дошло до несреќата и под кои околности момчето завршило во реката.
Во потрагата, покрај нуркачките тимови, учествувале и припадници на Службата за заштита и спасување на Подгорица, како и жители на населбата во која живеело детето.
Спасувачките екипи го пребарувале коритото на Рибница на повеќе локации, на потегот од населбата Коник до Скалине.
По два дена надеж и неизвесност, потрагата заврши со трагичен исход.
Веста ја пренесува _rina.rs




