Давор Мацура, српски бизнисмен и сопственик на финансиската групација „Алта“, бил приведен во Србија во текот на ноќта, објавуваат српските медиуми. Апсењето следува по драматичните случувања околу „Алта банка“, на која Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа и покрена стечајна постапка.
Според информациите што ги објави „Нова“, полициските екипи повеќе од 30 часа вршеле претреси во просториите на банката во Белград. Акцијата започнала во саботата, откако надлежните институции донеле одлука за одземање на банкарската лиценца и отворање стечај.
Мацура во последниот период е во фокусот на српската јавност, не само поради случувањата со банката, туку и поради широката деловна мрежа што ја контролира. Неговите бизнис-активности опфаќаат повеќе сектори, од финансии и трговија до градежништво, недвижности и информатички услуги.
Во неговото деловно портфолио особено се издвојуваат компаниите „Алта ритејл“, „Алта груп“ и „Алта холдинг“, преку кои остварува сопственост и контрола врз повеќе други правни субјекти.
Меѓу позначајните компании поврзани со неговата групација е и „Идеа маркети“, малопродажен синџир кој претходно бил преземен од хрватските сопственици. Во истата деловна мрежа се вбројуваат и „Супер картица“, „Ена фрут“, како и „мСтарт бизнис солушнс“, компанија насочена кон управување со информатичка опрема и услуги.
Неговите интереси се присутни и во градежниот сектор преку фирмите „Кампари интернешнал“ и „АБЛ солвент“, додека преку „Алта груп“ е поврзан и со „Алта голд“, која работи во производството на накит. Во рамките на истата групација се наведува и сопственички удел од 51 процент во градежната компанија „Прокоопак“.
Дел од овие податоци за деловната империја на Мацура ги објави и „Форбс Србија“, посочувајќи ја комплексната мрежа од компании поврзани со неговото име.
Приведувањето на бизнисменот доаѓа во момент кога случајот со „Алта банка“ отвора сериозни прашања за работењето на финансиската институција и последиците од одлуката за нејзино затворање.
Веста ја пренесува Слободен печат.
