Ново оштетување на училишен имот е регистрирано во Тетово, откако момче управувајќи електричен тротинет ја закачило рампата поставена на влезот во Државното средно училиште – Регионален центар за стручно образование и обука „Моша Пијаде“.
Од образовната установа објавија видеоснимка на социјалните мрежи, на која е забележан моментот кога момчето поминува покрај влезната рампа и ја оштетува.
Она што дополнително ја зголемува загриженоста е фактот што ова не е изолиран случај. Според информациите од училиштето, рампата е оштетена по третпат во последниот месец.
Од раководството посочуваат дека повторувањето на ваквите инциденти отвора сериозно прашање за односот кон јавниот и училишниот имот. Случајот веќе е доставен до надлежните институции за понатамошно постапување.
Од училиштето упатуваат апел до граѓаните, а особено до младите, да покажат поголема свест и одговорност и да се воздржат од постапки со кои се уништува заедничкиот имот.
Нагласуваат дека училиштата треба да претставуваат безбедна средина во која се негуваат знаењето, воспитувањето и почитувањето на општествените вредности.
„Вандализмот не смее да стане секојдневие“, порачуваат од тетовската образовна установа.
Веста ја пренесува Skopje1.mk
