Осум мигранти од Авганистан, меѓу кои и две малолетни лица, биле откриени во автомобил управуван од 40-годишен државјанин на Албанија, кој бил приведен по полициска контрола во близина на Неготино.
Случајот бил регистриран на 27 октомври, околу 12:35 часот, на регионалниот пат Демир Капија – Неготино, во месноста „Острово“. При проверката на возило „Фолксваген туран“ со албански регистарски таблички, полициските службеници ги пронашле осумте лица, кои, според нивните изјави, потекнуваат од Авганистан.
Возачот, идентификуван со иницијалите П. М., бил лишен од слобода под сомнение за криумчарење мигранти и задржан во Полициската станица во Неготино.
Во меѓувреме, пронајдените мигранти биле пренесени во Прифатно-транзитниот центар во Гевгелија, каде што ќе бидат преземени понатамошни мерки согласно надлежните процедури.
Од Министерството за внатрешни работи соопштуваат дека се работи на целосно расчистување на случајот. По утврдувањето на сите релевантни околности, ќе следува соодветна постапка.
Веста ја пренесува 24chasa.mk
