Природата уште еднаш покажа дека нејзините чуда можат да изгледаат како сцени од фантастичен филм. Во пештерата Каса де Педра, во бразилската сојузна држава Сао Паоло, еден планинар успеал да сними редок и впечатлив природен призор.
На видеото се забележува водена завеса што паѓа од височина, создавајќи илузија дека водата се спушта директно од облаците. Снимката ја направил бразилскиот планинар и фотограф Жиба Мораис, кој објаснил дека водата се пробива низ пукнатините над пештерата, позната по својот огромен влез.
Волшебниот изглед на сцената е резултат на играта на сончевите зраци со водената магла и водата што паѓа од карпестите височини. Импозантниот отвор на пештерата дополнително го засилува впечатокот, претворајќи го природниот пејзаж во глетка што наликува на живописна слика.
Според Мораис, клучот за оваа неверојатна снимка бил вистинскиот момент и совршениот агол од кој се набљудувал феноменот. Резултатот е сцена што потсетува колку природата може да биде изненадувачка и фасцинантна.
Веста ја пренесува Bbcnewsnasrpskom.
