Осумнаесетгодишниот Огнен Малешевски од Делчево покажа дека чесноста и одговорноста немаат цена. Откако пронашол изгубени пари и лични документи на улица, наместо да ги задржи за себе, решил да ги предаде во полиција и да му помогне на сопственикот повторно да си ги добие.
За неговиот несекојдневен потег денеска беше јавно признат од градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, кој му додели плакета во знак на почит за неговата постапка.
Градоначалникот го прими младиот делчевец и ја истакна неговата чесност како пример што заслужува внимание, особено во време кога ваквите гестови имаат голема општествена вредност.
Според објавените информации, Огнен во саботата, на булеварот „Македонија“ во Делчево, пронашол лични документи на свој сограѓанин, меѓу кои патна исправа и лична карта, како и 114.000 денари и приближно 2.000 евра.
Без двоумење, тој се упатил во Полициската станица во Делчево, каде што ги предал пронајдените пари и документи, овозможувајќи тие да му бидат вратени на сопственикот.
„Добрите примери не бараат големи зборови, туку искрени постапки“ – ова е пораката што ја испраќа гестот на младиот Огнен, кој со својата одлука покажа дека вистинските вредности се препознаваат преку делата.
И Министерството за внатрешни работи ја поздрави неговата постапка, нагласувајќи дека станува збор за позитивен пример за чесност, совесност и развиена граѓанска одговорност кај младите.
Приказната на Огнен е потсетник дека за да се направи нешто добро не е потребно признание, туку исправна одлука во вистински момент. А токму таквите постапки се пример што заслужува да се следи.
Веста ја пренесува Infomax.mk


