Студентите на државните универзитети во Скопје наскоро ќе можат да го користат јавниот превоз бесплатно, без потреба од дополнителна административна документација.
ЈСП Скопје воведува дигитална студентска превозна картичка, со која целиот процес ќе се одвива електронски преку мобилна апликација. Наместо студентите лично да доставуваат потврди за запишан семестар или да одат до билетарниците, нивниот статус ќе се проверува автоматски.
За таа цел, податоците на студентите ќе се синхронизираат меѓу ЈСП и државните универзитети во Скопје. На овој начин, потврдата на студентскиот статус ќе се врши дигитално, без хартиени документи и без дополнителни посети на билетарници.
Со новиот систем, студентите ќе имаат поедноставен пристап до правото на бесплатен јавен превоз, а административната постапка ќе биде сведена на минимум.
Веста ја пренесува Слободен печат.
