22-годишен француски планинар доживеал вистински кошмар откако се нашол среде масовно одронување на карпи на 11 август.
Лорис Бјанко заедно со својот партнер се движел низ опасен планински премин кога одеднаш започнале да се рушат огромни количества карпи. Само неколку моменти претходно, тие им помогнале на други планинари да најдат безбедно место за засолнување.
Бјанко успеал со камерата поставена на својот шлем да ги сними драматичните моменти. На снимката се гледа како карпите се одвојуваат и се рушат околу нив, додека тој и партнерот се обидуваат да останат прилепени до карпестиот ѕид.
Одронот траел околу пет минути, а ситуацијата во секој момент можела да заврши трагично. За среќа, планинарот се здобил само со полесна повреда на раката, додека целата група успеала да стигне до засолниште.
Екстремно високите температури се сметаат за еден од факторите што ја зголемуваат опасноста од вакви појави. Топењето на пермафростот ја намалува стабилноста на карпестите масиви, создавајќи услови за ненадејни и опасни одрони.
Токму поради зголемениот ризик, биле преземени дополнителни безбедносни мерки, а некои од блиските планинарски засолништа биле затворени. Опасниот премин и понатаму важи за една од најризичните точки на вообичаената маршрута кон врвот.
Веста ја пренесува Infomax.mk
