Трагичен случај го потресе Малишево во Косово, откако млада брачна двојка беше пронајдена со прострелни рани во својот дом. Во инцидентот животот го загубила 25-годишната Џетлира Фониќи, додека нејзиниот 26-годишен сопруг бил тешко повреден.
Според досегашните информации од косовските медиуми, пукањето се случило во текот на неделата навечер, а полицијата ги затекнала сопружниците во спалната соба со сериозни повреди.
Двајцата веднаш биле пренесени во здравствена установа. Од Универзитетскиот клинички центар на Косово потврдиле дека пациентите биле примени околу 00:15 часот во понеделникот.
За младата жена, која според медиумските наводи била бремена, лекарите не успеале да направат ништо. Таа во Ургентниот центар била донесена без знаци на живот, по што била констатирана нејзината смрт.
Нејзиниот сопруг бил примен со тешки прострелни повреди и, според првичните информации, неговата здравствена состојба е сериозна.
Случајот предизвика голема вознемиреност во јавноста, а роднините и пријателите на младата жена се простуваат од неа преку социјалните мрежи.
Засега останува нејасно што точно се случило во домот на семејството. Полицијата работи на расчистување на случајот, а надлежните органи треба да утврдат кој го употребил оружјето, како дошло до пукањето и кој бил мотивот.
Истрагата е во тек, а повеќе детали се очекуваат по официјалното утврдување на сите околности околу трагичниот настан.
Веста ја пренесува 24info.mk

