Во центарот на Техеран се појави нов голем политички билборд кој предизвика внимание поради неговата содржина и силната порака упатена кон САД и Израел.
На плакатот е прикажана драматична сцена со Белата куќа во пламен, додека на покривот се гледа американското знаме. Во долниот дел се поставени ковчези прекриени со знамиња на САД, со ликови од американски и израелски политички фигури.
Меѓу прикажаните се американскиот претседател Доналд Трамп, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, Џаред Кушнер и членови од семејството на Трамп. Над целата илустрација е испишана порака на персиски и хебрејски јазик: „Крв за крв, око за око“.
Билбордот е поставен на плоштадот „Палестина“ – локација во Техеран која со години се користи за политички пораки, особено оние поврзани со односите на Иран со Вашингтон и Тел Авив.
Овој вид на визуелна пропаганда е честа појава во иранската престолнина. Во изминатиот период, на различни места во градот беа поставувани пораки со политички симболи и пораки поврзани со домашната и надворешната политика на Иран.
Меѓу последните примери беше и билбордот на плоштадот „Валијаср“, кој прикажуваше три генерации ирански врховни лидери – Рухолах Хомеини, Али Хамнеи и Моџтаба Хамнеи.
Претходно, на плоштадот „Ванак“ се појави и порака поврзана со Ормутскиот Теснец, со која се нагласуваше иранската контрола врз оваа стратешки важна морска рута.
Новата поставена порака во Техеран доаѓа во период на засилени политички тензии на Блискиот Исток и повторно ги става во фокус острите пораки меѓу Иран, САД и Израел.
Веста ја пренесува Skopje1.mk

