На планината Јахорина денеска се случила вознемирувачка ситуација кога малолетно дете останало да виси од седиште на жичара, по што следувала брза интервенција од присутните лица.
Според извештаи на повеќе регионални медиуми, настанот предизвикал вознемиреност меѓу посетителите откако било забележано дека детето не седи стабилно, туку виси од конструкцијата. Снимка што се прошири на социјалните мрежи прикажува како две лица го држат детето за да спречат пад, додека други луѓе притрчуваат за да помогнат безбедно да се спушти на земја.
Со заедничка и навремена реакција, детето било безбедно симнато. Во моментов нема официјална потврда дали претрпело повреди.
Овој случај следува само неколку дена по друг сериозен инцидент на истата локација, кога дете падна од жичара. Тогаш надлежните информираа дека малолетникот се здобил со повреда на ногата и бил хоспитализиран.
Сведоци на претходниот настан изјавија дека сè се случило многу брзо, во рок од околу една минута. Според нивните тврдења, детето се лизнало од рацете на мајката, а поради тоа што сите биле на скии, немало можност за побрза реакција.
