Жената која утринава беше убиена пред својот дом во Ниш, А.Ш. (44), неодамна ја презела раководната функција во семејната фабрика за јаболков оцет, откако нејзиниот татко се повлекол од директорската позиција, откриваат соседите.
Според нивните зборови, таа била исклучително вредна и одговорна, како во деловниот, така и во семејниот живот.
– Татко ѝ со години ја водеше фабриката и направи успешен бизнис. Кога замина во пензија, таа го замени како директор. За жал, тој почина пред околу четири месеци – раскажуваат комшиите.
Една соседка вели дека последен пат ја видела пред два дена, кога разговарала на телефон пред куќата, без да забележи нешто необично.
– Беше тивка, културна и љубезна жена. Немаше конфликти со никого. И нејзината мајка е многу добра личност. Татко ѝ, покрај тоа што беше бизнисмен, беше и писател и има напишано неколку книги – вели комшивката.
Соседите додаваат дека убиената жена била исклучително посветена мајка и често ги носела децата со себе кога имала службени обврски надвор од градот.
– Ретко се одвојуваше од нив, сè ѝ беше семејството – велат тие.
Убиство пред куќниот праг
Злосторството се случило утринава околу 7:30 часот, кога жената се враќала дома откако го оставила детето во градинка. Напаѓачот ја пресретнал на улица и отворил оган.
Според неофицијални информации, осомничениот ја чекал да се врати и пукал повеќепати. Соседите изјавиле дека слушнале повеќе истрели.
– Се слушнаа неколку пукања, сигурно повеќе од три, но сè се случи многу брзо – изјави еден од жителите на улицата.
Камерите го снимиле злосторството
Безбедносните камери во близина го забележале моментот на убиството. На снимките, наводно, се гледа како напаѓачот испукува неколку куршуми, а потоа повторно се враќа и пука уште.
Истрагата е во тек, а јавноста е потресена од бруталното убиство на жена која, според сите што ја познавале, водела мирен и чесен живот.

