Австриските истражни органи официјално потврдија дека смртта на новороденче, пронајдено во спортска торба во близина на граничен премин во источна Австрија, е резултат на убиство. Обдукцијата покажала дека бебето било родено живо, но починало поради тешка повреда на главата, соопшти обвинителството во Ајзенштат.
Телото на новороденото девојче било откриено во неделата околу 13 часот, кога минувачи забележале оставена спортска торба покрај корпа за отпадоци на граничниот премин Никелсдорф. Откако ја отвориле торбата, внатре го пронашле бебето без знаци на живот и веднаш повикале брза помош. За жал, лекарските екипи можеле само да ја констатираат смртта.
Според првичните информации од истрагата, бебето било оставено на отворено неколку часа, во екстремно ниски температури кои се спуштале и до минус осум степени Целзиусови. Се претпоставува дека токму студот, заедно со нанесените повреди, довел до трагичниот исход.
Надзорните камери во близина, како што пренесуваат австриските медиуми, забележале жена која излегува од автобус со романски регистарски таблички, се упатува кон дел кој не е покриен со камери, а потоа по кратко време се враќа. Истражителите веруваат дека заедно со возачот на автобусот ја оставила торбата во која подоцна било пронајдено бебето.
Полицијата трага по жената, за која се сомнева дека е по потекло од Балканот и работела како негувателка, како и по автобусот и неговиот возач. Потрагата е проширена и надвор од границите на Австрија, вклучително и во Германија.
Истражителите не ја исклучуваат можноста породувањето да се случило токму во близина на граничниот премин, а случајот предизвика силни реакции во јавноста, особено поради сличен, нерешен случај со новороденче пронајдено пред неколку месеци во друг дел на земјата.
