Фото: Принтскрин
Зијадин Села од Алијансата на Албанците објави статус на социјалните мрежи преку кој обвинува дека системот „Сејф Сити“ е поставен во општини со албанско мнозинство.
„Жално е што и проектите кои формално се промовираат како мерка за општо добро и безбедност на граѓаните, всушност имаат за цел финансиско оптоварување на одредена категорија граѓани. Доволно е да се види каде се имплементира проектот „Сејф Сити“ – во Скопје, Куманово и Тетово, како и како се распоредени камерите во главниот град, најмногу во Чаир, Сарај и Бутел, односно во општини со мнозинско албанско население и на влезно-излезните правци кон Скопје. Станува збор за места со застарена или недоволна патна инфраструктура, без семафори, без паркинзи и со слаба сообраќајна сигнализација, но со камери и високи казни.
Тоа е чиста експлоатација, особено ако се има предвид дека Северна Македонија годинава треба да врати околу две милијарди евра кредити, кои ќе се наплатат токму од оние средини каде најмалку се инвестирало, вклучително и преку проектот „Сејф Сити“. Свесен сум дека ќе бидам обвинет дека на сè му давам етничка конотација, но не јас ниту Алијансата за Албанците, туку токму оние што не обвинуваат, затоа што ние никогаш не сме молчеле и нема да молчиме“, објави Села.

