Необичен и провокативен настан ја вознемири јавноста во Монтреал, Канада, откако група луѓе маскирани како Дедо Мразовци, придружени од „џуџиња“, упаднаа во супермаркет и изнесоа големи количини храна во вредност од неколку илјади долари. Сцената, која брзо се прошири на социјалните мрежи, повеќе наликуваше на филм отколку на реален грабеж.
По акцијата, групата соопшти дека не станува збор за класична кражба, туку за протестна акција „во духот на Робин Худ“. Нивната цел, како што наведуваат, била да укажат на сè подлабоката криза со трошоците за живот и недостапноста на основните намирници за сè поголем број граѓани.
Околу 40 лица, кои се нарекуваат „Робинс де Руел“, објавија јавно соопштение под мотото „Кога гладот ги оправдува средствата“, во кое истакнаа дека запленетата храна ќе биде поделена на семејства и поединци на кои им е најпотребна.
„Работиме сè повеќе, а можеме да си дозволиме сè помалку. Големите трговски синџири ја користат инфлацијата како алиби за рекордни профити, додека обичните луѓе едвај преживуваат“, наведуваат тие, обвинувајќи неколку корпорации дека ги држат основните животни потреби „како заложници“.
Од трговскиот синџир „Метро“, кој управува со повеќе брендови во Онтарио и Квебек, реагираа дека кражбата е кривично дело и дека ваквите постапки се неприфатливи. Портпаролката Женевјев Грегоар објасни дека цените се резултат на сложени фактори – од глобални проблеми во снабдувањето, преку нестабилни цени на суровини, до пораст на малопродажниот криминал.
Таа посочи и дека компанијата во текот на 2025 година донирала над еден милион долари и обезбедила десетици милиони долари во храна за банки за храна низ Канада.
Според податоци од Советот за малопродажба на Канада, кражбите во продавниците се во значителен пораст и веќе предизвикуваат милијардски загуби. Во исто време, мал број компании контролираат најголем дел од пазарот со храна и бележат високи добивки, што дополнително ја поттикнува јавната дебата.
Полицијата потврди дека случајот се истражува, но засега нема приведени лица. Дел од храната веќе беше оставена под новогодишна елка на јавен плоштад, а остатокот, според најавите на групата, ќе биде дониран преку локални банки за храна.
„Не заборавајте – гладот ги оправдува средствата. Среќен Божиќ“, порачаа тие.
