Катната гаража „Разловечко востание“, сместена на една од најфреквентните локации во Скопје, повторно предизвикува реакции од граѓаните поради долготрајни проблеми со хигиената и инфраструктурата.
Докторот Ненад Лазаров, кој минатата година веќе алармираше за состојбата во објектот, овојпат сними видео со кое ја прикажува, како што самиот вели, „апокалиптичната реалност“ со која се соочил.
„Лифтовите не функционираат, светлата се исклучени, а скалите се обраснати со нечистотија – буквално се гази по урина и фекалии“, објаснува Лазаров. Тој додава дека за неполни два часа паркирање платил 180 денари, додека условите во гаражата, според него, се крајно нехигиенски и небезбедни.
Докторот потсетува дека и претходно го повикал вниманието на институциите за опасностите во објектот, но, како што тврди, наместо да се преземат мерки, вработените реагирале со непријателски став кон него.
Гаражата, која би требало да обезбеди безбеден и модерен простор за паркирање, подолго време е симбол на негрижа и недостаток на одговорност од надлежните, а граѓаните со загриженост прашуваат колку уште ќе мораат да плаќаат за објект што изгледа како оставен на самото себе.
До овој момент, официјален одговор од институциите нема.
