Фото: Ali Ahmeti/Facebook
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по повод Денот на албанското знаме и независноста на Албанија, испрати порака исполнета со политички и национален тон, потенцирајќи ја важноста на заедништвото меѓу Албанците ширум регионот.
Во честитката, Ахмети истакна дека националниот идентитет не се слави само на празници, туку преку секојдневна посветеност, работа и одговорност. Тој нагласи дека Албанците имаат заедничка цел – да и помогнат на Албанија да стане полноправна членка на Европската Унија до 2030 година, како и да придонесат за понатамошно учврстување на косовската државност во соработка со САД и ЕУ.
Ахмети се осврна и на процесите во Македонија, нагласувајќи дека борбата за рамноправност и европска иднина продолжува, истовремено потсетувајќи на важноста од грижа за Албанците во Прешевската долина, Црна Гора и дијаспората.
„Драги Албанци, нека ни е честит Денот на знамето и независноста. Да ја почитуваме нашата татковина со дела, да ја чуваме нашата нација и да им оддадеме почит на сите што жртвувале за неа“, напиша Ахмети во пораката.
Албанија денес го одбележува еден од своите најзначајни државни празници – Денот на независноста. На 28 ноември 1912 година во Валона беше прогласена независноста од Отоманската империја, чин кој го означи почетокот на современата албанска држава.
Овој датум е поврзан и со уште еден симболичен историски момент: подигнувањето на црвено-црното знаме од страна на Скендербег во Круја во 1443 година – настан кој и денес се смета за темел на албанската национална симболика.
