Фото: Принтскрин
По убиството во Словенија следат нови детали кои ги пренесуваат медиумите од Балканот, а меѓу нив и изјавата на мајката на осомничениот.
„Го донесоа син ми со лисици на рацете, а полицајците беа до заби вооружени, со панцири. Доаѓаа со неколку возила, како да бараат опасен криминалец“, раскажува мајката на осомничениот Сабријан (21).
Таа тврди дека нејзиниот син е невин и дека нема никаква врска со злосторството за кое е обвинет.
„Тоа сигурно не го направил. Дури и вчера, кога го донесоа дома со полиција за претрес, ме смируваше и тврдеше дека е чист. Ми се заколна дека човекот од Ново Место не го ни допрел, но дека знае кој е,“ изјави за Словенске новости, Дијана Јурковиќ, мајката на 21-годишниот Сабријан Јурковиќ, осомничен дека го нападнал и усмртил 48-годишниот Алеш Шутар минатиот викенд во Ново Место.
Истражниот судија оваа недела му одреди притвор на Јурковиќ под сомнение за нанесување тешки телесни повреди со смртен исход, со образложение дека постои опасност од повторување на делото. Доколку биде прогласен за виновен, му се заканува затворска казна до 15 години.
