На местото на трагичната сообраќајна несреќа што се случи во саботата вечерта кај кулата West 65, денеска владее тишина и тага. Таму, каде што згасна животот на една тричлена фамилија, граѓаните оставија бели цветови и плишани играчки во знак на спомен за деветгодишното дете што го загуби животот прерано.
Меѓу цвеќето има и плишан мечињак со мала фудбалска топка, како и икона од Света Петка. Сцената на крстосницата никого не остава рамнодушен – особено кога ќе се сети дека цело семејство на тоа место загинало сосема невино.
Според сведоштвата, вечерта пред трагедијата, Бојан, неговата сопруга Дијана и нивниот син Михајло биле на вечера кај пријатели. Размислувале да заминат порано, но им било убаво и неколкупати одлучиле да останат уште малку. Никој не можел да претпостави дека тие мигови ќе бидат последни. Нивните најблиски денеска се прашуваат – „што ако тргнеа порано?“ – можеби тогаш ќе го избегнеа пијаниот и дрогиран возач кој седнал зад воланот без совест.
„Бојан беше човек што сите го почитуваа. Да зборуваш со него беше чест. Дијана му беше живот, ја сакаше повеќе од сè. А синот му беше гордост – паметно и добро воспитано дете. Само да го видиш, веднаш ќе ти биде јасно какви родители имал,“ раскажал еден од неговите блиски пријатели.
Според полицискиот извештај, полицаецот Бојан Живковиќ (43), неговата сопруга Дијана Каиш (38) и нивниот син Михајло (9) починале кога во нивниот автомобил удрил возач на „Ауди“, државјанин на Босна и Херцеговина — Никола Ѓокиќ (24). Тој возел со брзина од 132 км/ч, под дејство на алкохол и канабис, и поминал на црвено светло.
Трагедијата се случила на булеварот Хероја со Кошара, кога „Ауди“-то со огромна брзина ја погодило страната на возилото „Хјундаи i30“, кое легално поминувало на зелено светло. Ударот бил толку силен што семејството немало никакви шанси за спас.
Против Никола Ѓокиќ е поднесена кривична пријава за тешко дело против безбедноста на јавниот сообраќај, за што му се заканува затворска казна од пет до петнаесет години.
На местото на несреќата и денеска гори свеќа за душите на Бојан, Дијана и нивниот мал Михајло — симбол на болката која целата Србија ја чувствува.
Веста ја пренесуваме од telegraf.rs
Вознемирувачки фотографии:






