Фото: Принтскрин
Шведската заменик-премиерка и лидерка на Демохристијанската партија (Kristdemokraterna – KD), Еба Буш, изјави дека сака да воведе забрана за носење бурки и нијаби на јавни места. Во интервју за весникот Aftonbladet, таа нагласи дека ова прашање се однесува на основните вредности на шведското општество и интеграцијата на имигрантите.
„Исламот мора да се прилагоди на Шведска. Може да бидете горд шведски муслиман, христијанин, Евреин или атеист, но постојат основни шведски вредности што мора да важат за сите нас“, изјави Буш.
Таа додаде дека државата нема намера да контролира како луѓето се облекуваат во своите домови, но смета дека целосното покривање на лицето претставува пречка за општествена комуникација и интеграција.
Предлогот за забрана е подготвен од работна група во рамки на Демохристијанската партија и треба да биде разгледан на партискиот конгрес кој ќе се одржи подоцна оваа есен. Според шведските медиуми, иницијативата засега не е усогласена со останатите партии од владејачката коалиција „Тидо“.
