Денеска се одбележуваат пет години од смртта на поранешниот пратеник и долгогодишен политички активист Амди Бајрам, кој раководеше со партијата Сојуз на Ромите.
Бајрам почина на 64-годишна возраст поради срцеви компликации. За себе често кажуваше дека е „познат како кока-кола – сите ја пиеја“.
Неговата парламентарна кариера започна во 1994 година како член на Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР), а подоцна продолжи како независен пратеник. Во периодот 1994–1998, тој беше во коалиција со СДСМ и остана запаметен по изјавата дека на изборите во 1998 ќе победи премиерот Бранко Црвенковски со „102,3 %“.
Меѓу 1998 и 2002 година го поддржуваше Владата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Љубчо Георгиевски. Во декември 2000, по барање на Црвенковски за гласање доверба, владата остана на власт благодарение на гласот на Бајрам, кој тоа го опиша како „гол со пета“ за СДСМ, истакнувајќи дека неговата партија „секогаш е со власта“.
Подоцна се коалираше со ВМРО-ДПМНЕ во периодот на премиерот Никола Груевски и често се конфронтираше со пратеници од СДСМ, повторувајќи дека е „бренд како кока-кола“. По парламентарните избори во 2016, кога неговата партија замина во опозиција, Бајрам ја раскина коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ и се приклучи на мнозинството предводено од СДСМ и премиерот Заев.
Амди Бајрам е татко на Елвис Бајрам, кој беше градоначалник на Шуто Оризари од 2009 до 2017 година.
