Синоќа, доцна во вечерните часови, во елитната белградска населба „Белград на вода“, беше ликвидиран 33-годишен маж на детско игралиште.
Според првичните информации, жртвата е Филип Ивановиќ од Цетиње, по кого била распишана меѓународна потерница. Тој бил застрелан со еден куршум во челото, а осомничен за убиството е 21-годишен маж, кој бил уапсен кратко време по инцидентот.
При апсењето, полицијата кај него пронашла два пиштола и словенечки документи за кои се сомнева дека се фалсификувани.
Ивановиќ бил во бегство од декември 2024 година, кога насилно го отстранил електронскиот надзор и побегнал од куќен притвор во Белград. Против него во Србија се водел процес поради помагање на Лазар Тејиќ во случајот за убиството на Бојан Мирковиќ, додека властите во Црна Гора го поврзувале со организирана криминална група и неколку тешки ликвидации.
Од црногорската полиција соопштуваат дека Интерпол Лион ја објавил потерницата по Ивановиќ и дека неговото екстрадирање во Црна Гора било во завршна фаза, веднаш по исходот на судењето во Србија.
Ивановиќ бил уапсен во Белград уште на 25 ноември 2020 година, но по бегството од куќниот притвор бил недостапен за органите на прогонот речиси девет месеци, сè до неговата ликвидација синоќа.
Осомничениот Ѓ.З. (21) бил фатен од полицајци во цивилна облека на околу 200 метри од местото на злосторството, по што бил разоружан и приведен.
На уапсениот му е одреден притвор од 48 часа, а истрагата е во тек. Според податоците од итната медицинска помош, пукањето се случило во 23:13 часот, а екипата само констатирала смрт на лице место.
🎥 ВИДЕОТО погледнете го ТУКА.
ФОТОГРАФИИ:



