Додека многумина во пензија бараат мир и одмор, Ен Анџелети од мало место Крескил повеќе од половина век секое утро ги отвора вратите на својата златарница. На 101 година, таа сè уште стои зад пултот со истиот осмех и страст со кои започнала да работи далечната 1964 година.
За Ен, работата не е обврска, туку начин на живот. Позната локална златарка со неисцрпна енергија и остар ум, таа стана симбол на виталност и љубов кон животот. Нивните постојани клиенти не доаѓаат само по накитот, туку и по неа – по топлината, искрениот смееј и мудроста која зрачи од секоја нејзина реченица.
Во разговор за ABC7 NY, Ен откри дека од многу рано научила што значи одговорност. Напуштила училиште за да ѝ помогне на семејството во мала продавница за мешана стока во Бруклин, додека нејзиниот татко носел лед со коњска запрега – во времето пред фрижидерот. Кога нејзиниот сопруг отишол во Втората светска војна, Ен го презела семејното одржување и се вработила како конобарка во бродоградилиштето Navy Yard.
„Тогаш за прв пат почувствував што значи самостојност и сила на жената. Открив колку е убаво кога знаеш дека можеш сè сама. Тоа чувство никогаш не ме напушти“, се сеќава таа.
Неколку децении подоцна, го отвори својот бизнис – „Curiosity Jewelry“, денес семеен бренд.
„Минав со автомобил и видов знак ‘за изнајмување’. Јавив на сопственикот, а киријата беше 85 долари месечно. Беше 1964 година и немав поим во што се впуштам. Но срцето ми рече: направи го“, вели таа со насмевка.
Иако продавницата работи пет дена во неделата, Ен доаѓа и шести – не затоа што мора, туку затоа што едноставно не може поинаку.
„Да отидам во пензија, ќе умрам“, вели без двоумење.
На прашањето за тајната на нејзината долговечност, таа едноставно одговара:
„Стани, истуширај се, изеди нешто, грижи се за себе. Вежбај. Работи тоа што го сакаш. Ако не ти се допаѓа, промени го. Нема голема филозофија.“
Секој нејзин ден започнува со благодарност и завршува со осмех.
„Животот е прекрасен. Само мора да го живееш со полни гради. Среќна сум што и денес можам да работам тоа што го сакам.“
Приказната на Ен Анџелети го допре срцето на илјадници луѓе кои ја нарекоа „жива инспирација“. Некои велат дека „го добила генетскиот лотари“, но таа не верува во среќа. Верува во работа, љубов и грижа за себе.
И додека многумина ги бројат годините до пензија, Ен секое утро брои – нови можности за живот.

