Денеска на гробиштата во Бутел ќе биде погребан Владимир Блажев – Панчо, еден од најпознатите членови на музичкото дуо ДНК, кој по седум месеци борба им подлегна на последиците од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Утрово, неговото тело беше изложено во црквата „Св. Илија“ во населбата Аеродром, каде што беше одржана литургија. Голем број пријатели, соработници и почитувачи дојдоа да му оддадат последна почит.
Меѓу присутните беа и познати музички имиња како Тамара Тодевска, Лозано, Роберт Билбилов, Пере од Нокаут и многу други кои со солзи во очите се збогуваа со својот колега и пријател.
Опелото започнува во 12 часот, по што ќе се одржи погребот. Со неговата смрт, бројот на жртви од трагедијата во „Пулс“ се зголеми на 63 лица.
Вчера, на плоштадот „Слобода“ во Штип, се одржа комеморативен настан под мотото „Ѕвездено небо во чест на Панчо“, каде што неговите сограѓани со свеќи, музика и емоции му се заблагодарија за сите спомени и песни што ги остави зад себе.



